Културни настани

Развојот на туризмот во општина Берово во доста голема мера е поврзан со активностите во областа на културата и организација на културни настани.

Општина Берово во изминатите неколку години се повеќе е препознатлива туристичко – културна дестинација каде се организираат голем број на културни настани од кои дел од нив се традиционални и препознатливи за овој регион.

Почнувајќи од карневалот Ратевски Бамбурци кој се одржува на 20ти јануари секоја година, преку одбележувањето на Велигденските празници и достигнувањето на врвот на културните случувања преку Етно плоштад фестивалот и саемот “Малешевијата на дланка“ како дел од самиот фестивал, како и низата културни случувања преку целата година се постигнува еден совршен баланс на задоволување на сите вкусови на сите генерации кои се посетители на овие културни случувања.

Етно плоштад фестивал

Во пресрет на големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“ – Голема Богородица (28ми Август), Берово секоја година во последниот викенд од месец Август е жариште на културниот бран кој ги обедини сите кои уживаат во мелоритмот на етно музиката вклопени во еден од најголемите фестивали на отворено во Македонија и пошироко – Етно Плоштад Фестивал.

Етно Плоштад Фестивал секоја година ја покажува својата големина. Подвижен музеј на она најубавото, исконското, непроценливо фолклорно богатство негувано од нашите музички амбасадори кои се предвесници на бурата во која низ миговен отсрел на непресушен вековен процес на преродување се отсликува македонскиот идентитет.

Музиката како универзален јазик на фестивалот се изведува од нашите најдобри етно групи и културно уметнички друштва кои се воедно и најголеми светски македонски амбасадори на македонското и традиционалното.

Етно Плоштад Фестивал ги пренесува и етно звуците на балканската музика која дава допринос кон издвојување на сето она кое е карактеристично за самиот Балкан и традицијата која ја негуваат нашите соседи.

Балканскиот фјужан го разбиваат шармот на танчерките од Бразил, Америка, Франција, Словенија, кои на публиката во Берово ја пренесуваат магијата на традиционалните танци од целиот свет.

Вистинска магија на настанот дава и интернационалниот саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“ кој се одржува во склоп на фестивалот. Шаренилото од бои и богатството на производи на бројните штандови му дава посебен дух на целиот плоштад. Тука може да најдете ракотворби, сувенири и резби изработени на традиционален начин или стилизирани. Може да вкусите и од медот, млечните производи, сокови, оцет или од тестенините. Се е подготвено по традиционални рецепти,  од природни суровини.

Ратевски карневал “Бамбурци”

Секоја година на Свети Јован се одржува Ратевскиот карневал “Бамбурци“ во село Ратево.

Традицијата на жителите со маски изработени од природна кожа од животни да ги растеруваат злите духови, прерасна во препознатлив карневал кој влезе во календарот на културни случувања во Македонија. Стотина жители на малешевското село Ратево, маскирани во кожи од животни и со големи метални ѕвонци ја продолжуваат многувековната традиција да го прогонуваат злото. Тие продефилираа низ сокаците и се упатуваат сред село, каде што им се придружуваат уште неколку стотици маскирани ратевци и гости од други места, но со посовремени маски. Многувековната традиција на селаните од Ратево со маски изработени од животинска кожа да го растеруваат злото од годинава прерасна во карневал „Ратевски бамбурци“, од кои вчера беа одушевени многубројните гости што првпат присуствуваа на овој ритуал. Ратевските бамбурци, облечени во кожа изгледаа застрашувачки. Се наликува на амбиент од пред илјадници години. Бамбурци во малешевскиот дијалект значи нешто страшно, многу страшно, кое мора да се растерува со нешто уште пострашно. Затоа и се прават овие маски и оваа страшна облека од кожа од говеда, овци, кози и од птици, кои ги изработуваме секоја година и по два-три месеца. Така луѓето од Ратево со векови, најмалку 1.000 години, ги растерувале злото и болестите кај луѓето и кај добитокот.

Најстарите жители на Ратево истакнуваат дека повеќевековната традиција на овој ритуал, што е поврзан со верскиот празник Свети Јован Крстител, не била прекината ниту една година.