visitBerovo

Цркви и Манастири

7:03 pm
|
Comments off
|
blog_2

Речиси во сите населени места во Малешевијата постои барем по една добро зачувана или пак реновирана црква. Истите се со различна историска и културно – уметничка вредност, исполнети се со прекрасни иконостаси, напрвени од врвни Малешевски мајстори, украсени со оригинални и уметнички мошне вредни икони. Иконите на иконостасите, како и другите икони во сопственост на црквите, се евидентирани од страна на Заводот за заштита на споменици и се заштитени со закон.

Манастирот Св. Пресвета Богородица Балаклија (Источен Петок) - Берово

Црквата Пресвета Богородица се наоѓа во близината на Берово, односно на патот Берово – Беровско Езеро, во грлото на брегалничката абланечка клисура. Започнала да се гради во 1972, а била завршена во 1975 година и е изградена во стилот на византиско-македонските цркви од среден век. Манастирот е машки, а типикот на манастирот е исихастички. Во близина на манастирската се наоѓала друга, постара црква (еднокорабна, скромна црква градена од кршен камен, со дрвена таваница и полукружна апсида однадвор, влез на западната страна, 4 прозорци на северната и 3 на јужната страна), која што била разрушена, а иконите од неа били пренесени во новата црква.

На 28 август правослевниот христијански народ го прославува празникот Успение на Пресвета Богородица. По тој повод, на тој ден, секоја година, Берово е домаќин на на црковно народниот собир кој што се организира во манастирот Пресвета Богородица - Источен Петок. На 28 август во Берово доаѓаат луѓе од сите краеви на Македонија и пошироко, чиј што број достигнува до 15.000. Во манастирот жителите на градот-домаќин организираат масовна прослава во чест на празникот, при што секој од посетителите - поклоници, оддава почит на Богородица и учествува на свечената трпеза. На тој начин се продолжува традицијата, која трае веќе десетина векови.

Рождество на Пресвета Богородица-Берово

Црквата Рождество на Пресвета Богородица е еден од препознатливите белези на Берово и центар на збиднувањата за жителите и посетителите. Црквата е изградена во 1912 година, а е осветена во 1922. Во 1930 г. била изградена камбанарија. Има облик на еднокорабна градба од поголеми размери, со полукружна апсида однадвор. Во внатрешноста, во горниот дел завршува со рамна таваница, зелено обоена, со тоа што делот од централниот простор е повисок и има украсни полиња.

“Св. Архангел Михаил“ – Берово

На самиот влез брегалничко – абланечката клисура, каде што Брегалница започнува на навлегува во беровско поле се наоѓа манастирот “Свети Архангел Михаил”, кој што е изграден во 1818 година. Изграден е меѓу две стари цркви, меѓу “Свети Ѓорѓи” од десната страна на околу стотина метри, на чие што место денес постои оброчиште и “Света Богорогица” од левата страна, на влезот во брегалничката клисура, на местото каде во 18 век се наоѓало Берово. Начинот на кој што е изграден манастирот е врзан со легендата: во тоа време во Берово немало црква, заради тоа беровци на чело со поп Пецо, побарале од месната турска власт да изградат црква. Кога делегација на чело сос поп Пецо отишла кај буљукбашлијата, тој се согласил но им поставил три услови. Првиот бил црквата да се изгради за четириесет дена, вториот покривот да не и биде повисок од патот кон изворот на Брегалница, а третиот услов бил поп Пецо да ја даде својата најубава и најмала керка за буљукбашлијата. Кога беровчани ги слуснале условите за првите два веднаш се согласиле, а поп Пецо им кажал и дека неговата керка се согласува, па така тие веднаш почнале да ја градат црквата. Таа била готова за четириесет дена, а ја изградиле пониско од патот за да не се гледа. На четириесеттиот ден стигнал карванот со војска испратен од валијата да ја земе најмалата попова ќерка. И навистина таа тргнала со нив накај Солун. Но, намерата на девојката не била да стигне кај валијата, па затоа кога карванот дошол до Дојранското езеро, девојката скокнала од коњот и се фрлила во водата. Војската, мислејќи дека девојката се удавила, побрзала да стигне кај валијата и да му каже што се случило. Но, поповата ќерка не била мртва. Ја нашол некој овчар што го пасел стадото во близина на Езерото и заедно со него ја одвел во слободна Србија. Во склоп на црквата има и женски манастир. Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изработката на манастирската црква (околу 1840 год.). Во својот најголем подем манастирот броел и до шеесет монахињи (калуѓерки) со развиена богата економија, богословско училиште, ткајачница. Од јужната, западната и северната страна на црквата се сместени конаците во кои живеат монахињите. Тие се изградени во чиста малешевска стара архитектура на приземје, со вкупно 16 соби и површина од 560 метри квадратни. Во јужниот дел на конаците се сместени две спомен соби, едната на Атанас Раздолов, а другата на Никола Петров Русински, а во другиот дел од јужните конаци е сместен музејот посветен на разловечкото и Кресненското востание. Црквата со голем трем, изградена во архитектурен опус од XIX век, доминира во манастирскиот двор. Во нејзината внатрешност ликовите на светителите се насликани во карактеристичен стил што отстапува од византиските канони. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на Светиот пророк Ное, дело на иконописецот Георги Велјанов од Струмица, изработена во 1818 година. Конакот е разигран. На иконостасот што го дели олтарот од средниот дел се вградени 10 таканаречени царски икони со врвен уметнички дострел. Привлекува со топлината на присуството на дрвото, обликувано во староградски стил од XIX век. Во манастирската библиотека се чуваат голем број на книги и текстови од XIX и XX век, а во внатрешноста на црквата има 72 икони од XIX. Со активностите на манастирот се тесно поврзани и Разловечкото (1876) и Кресненското востание (1878). Денес во него е сместен Музејот каде се изложени фотогафии, документи, географски карти и старо оружје од историското минато на Малешевијата и Македонија. Сестринството во овој манастир изработува икони во византиски стил, за иконостаси, или по нарачка. Манастирот е пристапен и отворен за духовните потреби на секој добронамерен посетител. Самиот влез низ големата дрвена порта го внесува посетителот во еден поинаков свет, Светот на молитвата.

“Св. Петка“ во с. Русиново

Црквата “Св. Петка” се наоѓа на излезот од селото Русиново, на патот кој води кон селото Владимирово. Таа датира од првата половина на деветнаесетиот век, богата е со икони и записи кои се однесуваат на различни временски периоди. Исто така во ова село може да се посетат уште капелната црква “Св. Архангел Михаил“ од 14 век, а со убавината ќе ве плени и капелната црква “Св. Марко“ каде што се прави курбан (црковно - народен собир) на празникот Голема Богородица на 28 август секоја година.

“Св. Апостоли“ во с. Ратево

Во селото Ратево кое е оддалечено 7 km од Берово можете да ја посетите црквата Св. “Апостоли” . Изградена во втората половина на ХIХ век и слично како и повеќето цркви во Малешевијата располага со многу икони кои пак се испишани со записи од различни временски периоди. Во неа курбан (црковно - народен собир) се прави на Голема Богородица и Илинден, а селска слава е Св. Павле.

“Св.Спас“ во с. Владимирово

Ова село плени со својата стара архитектура. Во центарот на селото се наоѓа стариот Ан кој датира од 18 век и црквата “Св. Спас“ од 1843 г. која што освен црква низ времето била и училиште и полициска станица. Во црквата е откриен “Летопис на црквата на Св. Вознесение Христово“. Селска слава е Св. Спас, а курбан (црковно - народен собир) се прави на Илинден.

“Успение на Пресвета Богородица“ во с. Смојмирово

Во селото кое е најблизу до Берово, т.е. оддалечено е само 3 km од Берово, можете да ја посетите црквата “Успение на Пресвете Богородица” кој што е изградена во 1909 година на местото на кое имало стара црква. Црквата е слична со црквата “Св.Спас“ во с. Владимирово. Селска слава е Св. Троица.

“Св. Атанас“ во с. Мачево

Во Мачево,најмалото беровско село, се наоѓа црквата “Св. Атанас“ која што според натписот над западниот влез е изградена во 1932 г. на местото на постара црква. Селска слава е Св. Атанас, а курбан (црковно - народен собир) се прави на Илинден. Исто така во ова село може да се посети и археолошкиот локалитет познат како Мачевски Чуки - могли од римско време. Тој располага со тули кои имаат неправилна форма, печени се и бојата им е црвено кафеава. Тие се ископани од малата чука која се одрони при пробивањето на новиот пробиван пат Берово – Кочани.

“Св. Ѓеорѓи“ во с. Будинарци

Во селото Будинарци е зачувана уникатна селска архитектура од 18 век. Тука може да ја посетите црквата “Св. Ѓорѓи“ изградена во 1857 година. Црковно – народен собир се прави на Илинден и Митровден. Селска слава е Света Пресвета. Западно од селото се наоѓа капелната црква “Св. Ѓорѓи“, каде што на Ѓурѓовден се прави црковно- народен собир. Покрај капелната црква има извор на света вода, каде што многу луѓе наоѓаат утеха на своите маки.

“Св. Илија“ во с. Митрашинци

Во селото Митрашинци можете да ја посетите најголемата црква во општината “Св. Илија“ но нема податоци за периодот кога е изградена. Според еден натпис во црквата, таа е живописана во 1894 г.  Оваа црква е единствена во Малешевијата, чија што внатрешност е целосно фрескописана.

“Пресвета Богородица“ во с. Двориште

Во селото Двориште, најоддалеченото село во Малешевијата од Берово. можете да ја посетите црквата “Пресвета Богородица“ изградена во почетокот на 20 век од преселници од Рибница, Пиринска Македонија. Интересен е обичајот Сурова, кој што се прави ноќта на 13 спроти 14 јануари секоја година. Селска слава е Мала Богородица, во народот познат како Рожен, а курбан (црковно - народен собир) се прави на Илинден.

<< Назад

Top